„Македонски корнер” во “Voli Nas Discont“ – македонски производители претставени во најголемиот супер маркет во Подгорица

Македонски производители од прехранбената индустрија имаат заедничко претставување на „Македонски корнер“ во еден од најголемите и најфреквентните објекти на црногорскиот ланец на маркети ВОЛИ.

ВОЛИ Трејд, со повеќе од 40% пазарен удел на црногорскиот пазар, е лидер во сегментот на ланци на маркети, со годишен обрт од преку 250 милиони евра, 75 објекти и над 2.000 вработени.

Преку иницијативата „Македонски корнер“ се поттикнува регионалната трговија, особено за микро, малите и средните компании, кои често се соочуваат со предизвици во извозот. Во изминатиот период се работеше на воспоставување на директен контакт меѓу македонските компании и водечките ланци на супермаркети во Црна Гора, со вклучена експертска поддршка во процесот на преговори за влез на пазарот.

На овој начин, од една страна се овозможува присуство на нови компании на странски пазар, додека од друга страна се креира раст на веќе присутните компании во Црна Гора, ширејќи го нивниот извозен асортиман. Ваквата стратегија им дава на македонските производители широк спектар на можности за развој и проширување на нивните извозни активности. Дополнително, на овој начин успешно се промовираат висококвалитетни македонски производи, зајакнувајќи го националниот бренд на земјата како поднебје со висококвалитетна храна.

„Македонски корнер“ се организира во рамки на програмата “Поддршка за извоз на македонски производи во Црна Гора“ имплементирана од PrimePoint Partners, во партнерство со Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ. Исто така, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот дава целосна поддршка за овој модел на национална презентација за влез на странски пазари.

Scroll to Top