Јасмина, многу ви благодараме што ни се придруживте, Вие бевте дел од нашите различни програми тука во PrimePoint Partners, претходно предавајќи им на нашите старт-ап компании и претприемачи на нашата прва акцелаторска програма за напредни и применети технологии. Може ли да им кажете на нашите читатели малку за себе и што ве инспирираше да работите во финансискиот и иновативниот сектор?
Секогаш е одлично да се биде дел од новите иницијативи предводени од PrimePoint Partners, особено од новите програми за зајакнување на старт-ап компаниите кои се остварија за кратко време. Јас работам во финансискиот сектор од 2006 година, сепак во текот на изминатите 8 години се фокусирав на тоа да работам како овозможувач на иновативниот екосистем и да работам директно со старт-ап компании. Големо задоволство е да се работи во отворено иновативно опкружување и да се биде секој ден во контакт со креативни и талентирани луѓе кои се обидуваат да ги решат предизвиците со кул технологии. Уживам во тоа што го работам и би рекла дека тоа не е работа, туку страст.
Некои можеби мислат дека финансискиот план е можеби најмалку пријатниот аспект на деловното планирање, но, како и да е, тој исто така се смета како еден од најважните. Зошто е тоа така, и како може финансискиот план да го насочи нечиј бизнис кон успех?
Во претприемништвото, финансиските аспекти се неизбежни, но би рекла дека посветеноста и водството на тимот се најважниот дел. Што би значело, дури и ако на тимот му недостасуваат финансиски вештини, тоа не е нешто што не може да се надмине со соодветно менторство и поддршка. Основниот бизнис и финансиски план е првиот чекор да се разберат сите аспекти на идејата или новиот потфат и да се подготви за нејзино спроведување. Без финансиски план, не може да се знае кои се потребните ресурси, стратегијата за раст и целите. Со добро разбирање на финансиските потреби, тимот или компанијата е во позиција да ги идентификува вистинските финансиски инструменти за таа цел и да ги убеди финансиерите.
Управувањето со финансискиот ризик е важно за компанија која сака да обезбеди инвестиции, кои чекори можат да ги преземат за да се минимизира ризикот и да се привлечат повеќе инвеститори?
Како и за сите ризици во бизнисот, во тимот треба да има свесност дека тие постојат, треба да се процени нивната веројатност да се случат и да се испланираат активности за нивно ублажување со фокусирање на приоритетите. Кога станува збор за финансирање на идеја или компанија, најголемиот ризик е да снема готовина, па затоа е многу важно подготовките да започнат доста рано. Бидејќи за собирање средства е потребно време, а одлуката на финансиерите и инвеститорите може да трае неколку месеци, планирањето за следната рунда на финансирање треба да започне пред да има потреба. Во спротивно, старт-ап компаниите што остануваат без готовина може да имаат сериозни последици во врска со растот на бизнисот. Инвеститорите претпочитаат старт-ап компании кои знаат како да управуваат со своите финансии, ризици и проток на пари, кои се подготвени и имаат одредена минимална еластичност, бидејќи тоа е показател за искусен тим со јасни цели и контрола.
Каков совет имате за сопствениците на деловните субјекти и менаџерите кои размислуваат и ја подготвуваат својата компанија или старт-ап за инвестиции во капитал?
Освен деловниот и финансискиот план, секогаш е добро да се направат истражувања за финансиерите и инвеститорите и да се пристапи само кон оние што одговараат на потребите на старт-ап компаниите, но и оние чија што стратегија за инвестиции се вклопува со старт-ап компанијата. Инвеститорите секојдневно запознаваат многу старт-ап компании, па затоа не треба да се пропуштаат шансите, особено ако се има предвид дека првиот состанок е секогаш клучен. Затоа, старт-ап компаниите не треба да бидат само добро подготвени, туку исто така треба да бидат искрени и отворени за споделување информации, градење доверба и одржување на добра репутација.
Дали гледате зголемување на деловниот потенцијал и инвестиции во македонски компании и старт-ап компании, и пошироко во балканскиот регион, од инвеститори надвор од регионот?
Гледаме сè поголем број на брзо растечки и иновативни компании во регионот, кои успеваат на европско или глобално ниво, главно со свои ресурси, што е охрабрувачки. Сепак, пазарот накапитал не ги следи овие развојни трендови и потреби со исто темпо, со исклучок на Хрватска и Бугарија во изминатите неколку години. Балканскиот регион е моментално фрагментиран и не е толку привлечен за поголемите европски инвеститори; сепак, иницијативите предводени од Европската комисија, ЕИБ и ЕИФ се позитивни за понатамошно поврзување на локалните иновативни еко-системи и стимулирање на инвестиции во капитал. Потребна е дополнителна поддршка од македонската и регионалната иновативна инфраструктура од јавниот и приватниот сектор за да се создадат подобри услови за старт-ап компании, инвеститори и деловни активности воопшто. Сепак, не се само инвестициите, потенцијалот за раст и привлечноста на старт-ап компаниите се поврзани со нивната потенцијална интернационализација и големината на пазарот. Значи, постои потреба за создавање поголем почетен пазар на регионално ниво за фирмите со ниски бариери за влез и овозможување инфраструктура за нивно меѓународно проширување. Како и да е, и понатаму преовладува размислувањето и дејствувањето во рамките на националните граници и фокусот е на националните шеми за јавно финансирање што е ограничувачки фактор, особено во случај на помали екосистеми како што е македонскиот. Јавното финансирање треба да биде алатка за стимулирање и ангажирање на локални и меѓународни приватни инвеститори, а не инструмент за нивно заменување.
Јасмина, работиш со ЕИТ Производство, кое се наоѓа во Виена; може да ни кажете за целта и мисијата на компанијата и како можат да се вклучат претприемачи и бизниси од Македонија?
Јас сум дел од заедницата за знаење и иновации на Европскиот институт за иновации и технологија (ЕИТ) скоро четири години. Почнав како менаџер на сите програми на ЕИТ Дигитал во Централна и Источна Европа и се преселив во на ЕИТ Производство во 2020 година. ЕИТ Производство е паневропска мрежа каде најголемите играчи во индустријата, врвните универзитети, како и истражувачки и технолошки организации во Европа соработуваат за создавање на поотпорни, поодржливи, зелени и социјални влијанија на производниот сектор. Ние се обидуваме да донесеме иновации на пазарот во рок од една година и да развиеме старт-ап компании на пазарите низ цела Европа. Програмите за создавање на нови бизниси кои ги имплементираме се отворени за македонските старт-ап компании и тимови, обично преку повици или на наша покана.
Доколку сакате да добиете редовни совети од експерти, информации за донаторски програми и можности за финансиње, пристап до странски пазари и анализи на пазарите, пријавете се на нашиот newsletter, ТУКА.
Автор
Стефани Таскова Митева