PrimePoint Partners го фасилитираа процесот на обезбедување грант од 450.000 евра за стручно оспособување и основање паметни лаборатории за конзорциум предводен од средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ – Скопје

На вчерашната прес конференција одржана во средното стручно училиште „СЕТУ Михајло Пупин“, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, директорот на училиштето, Димитар Ѓорѓиев, извршната директорка на PrimePoint Partners, Билјана Марковиќ Стаменова и претставници на проектните партнери го презентираа проектот за кој беше доделен грант од околу 450.000 евра од Фондот за регионални предизвици.

Со поддршка на консултантската компанија Примепоинт ДОО Скопје, конзорциумот предводен од средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ – Скопје и компаниите ЛИБЕРТИ АД Скопје, Раде Кончар Контактори и релеи доо и Макстил АД Скопје обезбеди грант во висина од €453,590.00 Евра од Регионалниот фонд за предизвици. Фондот е иницијатива на Германската развојна банка (KfW), а финансирана од германското Федерално министерство за економска соработка и развој (BMZ). Главниот партнер во спроведувањето е Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан.

Во просториите на училиштето ќе биде креирана Паметна лабораторија која ќе биде опремена со најсовремена технологија од областа Industry 4.0, со автоматизиран и роботизиран производствен процес со што ова ќе биде единствената таква опрема во Македонија наменета за наставни цели. Учениците кои ќе се запишат во профилите електротехничар и енергетичар техничар ќе имаат можност да реализираат пракса и да развијат напредни вешнини преку работа во овие реномирани компании“  – изјави Димитар Ѓорѓиев, директор на  „СЕТУ Михајло Пупин“.

Градоначалничката Арсовска им честиташе на партнерите и ја истакна потребата од овие профили за приватниот сектор. „Со ваков модернизиран наставен процес, училиштето може да ги доближи вештините на учениците до оние што ги бараат компаниите и да го зголеми бројот на вработени ученици во овие технолошко-напредни компании“ – заклучи таа.

„Планирано и формирање на Центар за развој на вештини и кариерно насочување кој ќе се фокусира на обуки како за технички вештини,  така и за меки вештини неопходни за полесно вработување и побрза интеграција на пазарот на трудот. Ќе бидат унапредени и компетенциите на наставниците и менторите и ќе бидат изработени иновативни наставни материјали  базирани на циркуларна и зелена економија, дигитализација, енергетска ефикасност, автоматизација, итн.“ – изјави Билјана Марковиќ Стаменова, директор на Примепоинт ДОО Скопје и експерт за развој на програми за стручни вештини и обуки за менаџмент.

Развојот на програмите за едукација од овој профил ќе ги подготват учениците за актуелните побарувања на пазарот на трудот што истовремено ќе им помогне и на компаниите кои имаат недостаток од ваков кадар.  За Михајло Пупин како стручно училиште со 900 ученици кое има директна соработка со некои  од најголемите технолошки компании во државата, ваквата иницијатива ќе придонесе за развој на домашните компании со локално образувани капацитети. Компанијата PrimePoint Partners беше вклучена во развивањето на проектниот концепт, координацијата на конзорциумот и развојот на апликации за оваа програма за дуално образование.

Scroll to Top