КЕНЗО.МК, интерактивна 3D платформа за недвижнини, е еден од финалистите на iCBA Ohrid Bootcamp – прочитајте го интервјуто со основачот Димитар Манчев

1.Што всушност претставува Кензо.Мк? Од каде идејата за ваков бизнис?

Кензо.Мк е веб платформа за купување, продавање и изнајмување на станови и други недвижнини.  Фокусот на платформата е да  овозможи пријатно искуство на корисниците при процесот на пребарување на недвижнини.

Потребата за ваква веб платформа ja увидов кога почнав да барам нов стан за да се преселам во Скопје. Но, процесот на барање беше многу макотрпен (недостаток на едно централно место за сите огласи,  недостаток од соодветни фотографии и нeрелевантни информации на огласите). Тој процес ми одземаше толку многу време и енергија што ме натера целосно да се откажам од намерата за вселување во нов стан. Со тоа решивме да ја направиме најдобрата веб платформа за купување, продавање и изнајмување на станови и други недвижнини.

2.Кои се вашите предности во однос на конкуренцијата на пазарот за недвижнини

Кензо.Мк е единствена платформа каде корисниците можат да ги видат недвижнините во интерактивен 3Д визуелен приказ. Други дополнителни предности се и интуитивниот кориснички интерфејс и пребарување директно на мапа, со напредни филтри за пребарување на целата дата база со недвижнини. Со тоа корисниците ќе можат да ја донесат најдобра одлука за тоа кој стан или куќа ќе биде најсоодветен за нивните потреби и желби.

3.  Кои ќе бидат вашите главни продукти / услуги?

Пребарувањето на станови и други недвижнини е целосно бесплатно за сите корисници.

За огласувачите исто така поставувањето на нови недвижнини на платформата ќе биде бесплатно доколку користат свои фотографии и видеа. Доколку огласувачите сакаат да постават и 3Д визуелен приказ од просторот, оваа услуга ќе се наплаќа еднократно. Наш тим од префесионалци ќе го вршат 3Д мапирањето на просторот со најсовремена опрема за 3Д скенирање на простор.

4.Каде го гледате Кензо.Мк во иднина?

 Нашата визија за Кензо.Мк е да стане најголемата веб платформа за недвижнини во Европа каде корисниците ќе може да го пронајдат својот нов дом.

5.Вие сте дел од финалистите на бизнис акцелераторот кој се одржа во Охрид како дел од iCBA програмата. Дали може да споделите какво беше искуството да се биде дел од таков настан?

Навистина е привилегија да се биде дел од група на амбициозни и силно посветени луѓе на својата визија да го подобрат светот.  На настанот имаше и многу експерти од повеќе области кои преку совети и насоки ми помогнаа дополнително да го подобрам продуктот и да бидеме поблиску до нашата цел со Кензо.Мк .

Поврзете сe со Кензо.Мк :

Web: www.kenzo.mk

Facebook: Kenzo.mk | FB

Instagram: Kenzo.mk | Instagram

LinkedIn: Kenzo.mk | LinkedIn

 Проектот  iCBA е ко-финансиран од Европска Унија и националните фондови на земјите учеснички.

Партнери во проектот: Alexander Innovation Zone S.A., SEERC- истражувачки центар на СИТИ колеџ, Технополис Солун ИКТ бизнис парк, Универзитет за информатички науки и технологија (УИСТ) „Св. Апостол Павле “, Национален центар за развој на иновации и претприемничко учење и Фондација YES.

Програмата за бизнис акцелерација во Македонија е организирана од PrimePoint Partners.

Повеќе информации за проектот има на следната страна: https://icba-project.eu/

 

Scroll to Top