Дражен Котески од OMNI DELIVERY, учесник во нашата акцелаторска програма iCBA, ја презентира својата онлајн платформа преку која се промовираат здрави навики и lifestyle, бизнис модел кој придонесува и за поздрава и помалку загадена животна средина

1.Почитувани,  управител сте на еден навистина интересен и иновативен бизнис, што всушност претставува OMNI DELIVERY? Од каде мотивот за стапување на македонскиот пазар со не толку вообичаена бизнис идеја?

Идејата датира од многу поодамна, но конечно во 2019 година започнавме со активности кои водеа до нејзина реализација. Целиот мотив беше да се креира бизнис модел кој на повеќе нивоа ќе делува позитивно на средината во која ќе биде прифатен и реализиран. Целта беше да се промовираат здрави навики и lifestyle преку модел кој ќе овозможи сите да можат дополнително да заработат преку своето движење низ Скопје. Индиректно, бизнис моделот придонесува и за поздрава и помалку загадена животна средина бидејќи не се користат дополнителни превозни средства за испорака и фокусот на превозни средства е: велосипеди, е-скутери и сл. Имено идејата е преку мобилна апликација да се овозможи поврзување на компании и физички лица кои имаат потреба од доставување на одредена пратка и лица кои се движат низ Скопје и можат да овозможат достава на таа пратка. Во моментот се врши финално тестирање на апликацијата и веќе се преговара со поголем број на компании кои изразија интерес за соработка и вклучување во бизнис моделот.

2.Кои сѐ услуги ги нуди OMNI DELIVERY и како функционира? Дали може да ни го опишете процесот на преземање, превоз и достава на една пратка? На кој начин се врши наплаќањето за услугата и од што зависи цената?

Нудиме три типови на достава и тоа:
– Експресна достава во период од два часа
– Регуларна достава во рок од 24 часа
– Достава по закажано време (се закажува одреден термин кога сакаме да биде извршена
доставата за нашите клиенти)
Процесот е релативно едноставен и се состои во следните чекори:
1. Логирање на апликацијата и избирање на улогата која ја имате (курир или лице/фирма која има потреба од достава на одредена пратка).
2. Доколку сте клиент кој има потреба од достава на пратка се внесува адресата на преземање на пратката и адресата на достава и дополнително типот на достава која ви е потребна. Според внесените параметри се добива цената на услугата.
3. Куририте кои се најблиску до местото на преземање на пратката се известуваат за пратката како и за позициите на преземање и достава. Дополнително им се дава информација која е заработката од таа достава. Имаат опција да ја прифатат или одбијат пратката.
4. По преземањето на пратката се следи движењето на курирот се до моментот на доставување.
5. После завршената постапка сите вклучени страни добиваат информации за сите параметри поврзани со доставата: време, цена, статус и сл.
Со тоа се завршува процесот и се алоцираат средства за курирот односно лицето кое ја извршило доставата.

Цената е динамична, односно зависи од повеќе параметри како што се: типот на пакет (големина и габарит), далечината на достава и типот на достава (експрес, 24h, закажана достава). Важно е да се каже дека и самата заработка е динамична и таа исто така зависи од претходно наведените параметри.

 

3.На која територија вршите преземање, превоз и достава на пратките? Дали размислувате за проширување на истата?

Во моментов, пилот фаза за нашата услуга е територијата на град Скопје, заради густината на населеност и поголемата потреба од достава на пратки. Нормално, во иднина се очекува истата да се прошири и во поголемите градови во Македонија, а во блиска иднина и во поголемите градови од регионот. Очекуваме да станеме препознатлива еко достава во поширокиот регион и да наметнеме еден нов начин на доставување на пратки кој сеуште не е застапен во Македонија.

4.Нудите услуги за секое физичко и правно лице, но воедно и можност за заработка, со што придонесувате и за почиста и поздрава околина. Кој сѐ може да биде дел од Вашиот тим и кои квалитети се потребни?

Можеби една од најдобрите работи поврзана со нашата бизнис идеја е можноста секој еден да биде потенцијален курир и да има можност дополнително да заработува. Со ова даваме можност на многу лица кои заради различни причини не можеле да заработат во досегашните традиционални бизнис модели, да најдат поадекватен и полесен начин да се вклучат себе си и да заработат. Уште подобро е тоа што самите го диктирате вашето работно време, односно периодот од денот кога сакате да се вклучите и заработите.
Во прв момент како дел од нашиот тим ги гледаме младите лица кои сакаат дополнително да заработат, но и лица кои немаат постојана работа па можат да се ангажираат според нивното време и желбата за заработка. Квалитетите кои се бараат се сведуваат на доследност на прифатените обврски, професионалност и одговорнот во активностите кои ги реализираат. Нивото на образование, работно искуство или годините не се релевантни и не претставуваат пречка за придружување кон тимот. Повеќе информации и можност да се пријавите да бидете дел од тимот на следниот линк: https://blink.com.mk/

5.Вашата бизнис платформа навистина поседува огромен потенцијал за развивање и проширување, каде го гледате OMNI DELIVERY во иднина?

Несомнено дека постои потенцијал, но сепак времето ќе покаже колку ќе биде прифатена идејата од страна на пазарот. Позитивно гледаме на развојот на идејата и се надеваме дека во блиска иднина ќе станеме препознатлива услуга во регионот и уште една позитивна претприемничка приказна.

 

Проектот  iCBA е ко-финансиран од Европска Унија и националните фондови на земјите учеснички.

Партнери во проектот: Alexander Innovation Zone S.A., SEERC- истражувачки центар на СИТИ колеџ, Технополис Солун ИКТ бизнис парк, Универзитет за информатички науки и технологија (УИСТ) „Св. Апостол Павле “, Национален центар за развој на иновации и претприемничко учење и Фондација YES.

Програмата за бизнис акцелерација во Македонија е организирана од PrimePoint Partners.

Повеќе информации за проектот има на следната страна: https://icba-project.eu/

Scroll to Top