СИЛНИ, МОЌНИ И ЕНЕРГИЧНИ МАЈСТОРИ НА ДИГИТАЛНИОТ ЗАНАЕТ- BIT KRAFT, СТАРТ-АП КОМПАНИЈА, ПРЕДВОДЕНА ОД САШО СПИРКОСКИ, УЧЕСНИК ВО НАШАТА ПРЕКУ-ГРАНИЧНА АКЦЕЛАТОРСКА ПРОГРАМА ICBA И ЕДЕН ОД ПРЕЗЕНТЕРИТЕ НА ПРЕТСТОЈНИОТ ОХРИД BOOTCAMP

1.Дали може да ни раскажете нешто подетално за вашaтa бизнис идеја? Што всушност претставува BIT KRAFT?

BIT KRAFT е старт-ап компанија чија примарна дејност е WEB и графички дизајн. BIT KRAFT има секогаш отворен поглед кон најновите IT технологии. Секогаш сме спремни за нови авантури и креативни предизвици во полето на IT и Интернет маркетингот.

Името на компанијата е спој од 2 збора, но има поголемо значење. BIT е најмалата количина на дигитален податок и всушност претставува градиво за било каков податок во дигитална форма. Интересно станува кај зборот „KRAFT“ каде ништо не е случајно, туку е намерно двосмислено и на некој начин двојазично. Дополнително, нѝ овозможува правилен запис и звучност и со кирилично писмо. Звучи како англискиот збор „craft“, кој значи занает, но се пишува како германскиот збор „kraft“, што значи сила, моќ, енергија… Што значи, ние сме силни, моќни и енергични мајстори на дигиталниот занает.

Бизнис идејата „Чаршија 360“ која е во финална фаза, е еден таков предизвик, сплет на фотографија, ИТ технологија и онлајн маркетинг. Сферната фотографија, иако е релативно нова технологија, не е нешто невидено. Виртуелните прошетки исто така се релативно нови, но не се нешто невидено. Уникатноста на „Чаршија 360“ се состои во сплетот на технологии и уникатната презентација. Не е доволно само да се направат неколку сферни фотографии, да се спојат во виртуелна прошетка и да се постават на некој веб сајт каде што речиси никој нема да ги погледне, освен пријателите на клиентот.

 

Името на производот Чаршија 360 прилично го опишува она што производот го нуди – дигитализација на чаршијата и овозможување на виртуелни прошетки низ неа. Одлуката за името на овој производ/услуга падна токму во Прилепската чаршија, близу до нејзиниот симбол, Прилепскиот градски часовник, на некои 20-30 метри од каменот кој ја означува нултата точка на центарот на градот. Ова само по себе повлече повеќе идеи, но најважно е дека вдахна голема количина на уметност во една модерна и дигитална услуга. Пакетите кои ќе бидат претставени како понуда за оваа платформа, ќе имаат имиња кои повеќе ќе потсетуваат на понуда на производи од Прилепската чаршија пред стотина години, отколку супер-модерна дигитална понуда, што всушност навистина представуваат. Со ова постигнуваме силен контраст уште при самото претставување на понудата пред нашите клиенти и со тоа секако дека оставаме силен впечаток.

2.Од кога постои и кој беше главниот мотив за основање на оваа онлајн платформа?

Додека го изработувавме ВЕБ сајтот на проектантското студио и агенцијата за недвижнини ПРО БЕЛА од Прилеп, тие дојдоа до идеја да понудат можност за претставување на станбените и деловни простори со виртуелни посети на објектите. Набрзо сфативме дека ако настапиме заеднички (соработка помеѓу BIT KRAFT и ПРО БЕЛА) и оваа технологија ја примениме правилно, истата може да претставува не само посебна линија на производ кој ќе го нудиме, туку можеби и засебен бизнис во релативно блиска иднина. Технолошките знаења на BIT KRAFT во комбинација со врските кои ги негуваме со повеќе ВЕБ портали кои се наши клиенти, како и врските кои ги има ПРО БЕЛА се идеална комбинација. BIT KRAFT има потребна технологија за реализација, знаење со кое може да развие платформа и може да обезбеди платформи за рекламирање од една страна, додека ПРО БЕЛА има директен контакт со огромен број потенцијални клиенти на кои им е потребен производот.

Резултат: клиентите на ПРО БЕЛА стануваат клиенти на BIT KRAFT и неговите соработници, а за возврат добиваат повеќе клиенти за нивните бизниси, со што не добиваме WIN-WIN, туку MULTI-WIN ситуација, бидејќи всушност, на крајот сите имаат бенефит.

3.Кои се производите, купувачите и клиентите на BIT KRAFT? Каква е состојбата на македонскиот пазар во однос на ваквите производи?

Производите на BIT KRAFT се WEB и графички дизајн, а сега веќе и изработка на виртуелни прошетки, т.е. „Чаршија 360“. Во моментов, на нашиот пазар има една компанија која нуди сличен производ/услуга, каде всушност нема маркетинг преку кој широката публика се носи до платформата каде се претставуваат бизнисите (клиенти на нашиот конкурент). Со тоа, бизнисите добиваат виртуелна прошетка, но не и посетители, односно, остануваат сами на себе во врска со промоцијата на виртуелната прошетка и маркетингот на својот бизнис.

Кога велите „купувачите и клиентите на BIT KRAFT“ во ова прашање, претпоставувам дека акцентот го ставате на производот „Чаршија 360“. На самиот почеток, очекувавме дека клиенти во главно би биле ресторани, кафетерии и други угостителски објекти, но набрзо сфативме дека всушност,

Наши потенцијални клиенти можат и треба да бидат практично сите бизниси кои располагаат со јавен простор каде контактираат со нивните купувачи, т.е. буквално секоја продавница, бутик, супермаркет, па дури и мини маркет.  Клиенти може да бидат дури и општините, кога сакаат да претстават некоја локација, а може да бидат и физички лица, друштва, спортски клубови итн. за најразлични потреби (на пример прикажување на конкретна локација за приватна забава или било каков друг настан, прикажување на патека како да се стигне до одредена локација, прикажување на патека за велосипедизам, трчање, планинарење и слично). Иако на прв поглед делува дека овој производ има многу конкретна публика, всушност овозможува многу широк спектар на клиенти.

  Иако нашиот пазар знае да е крут во врска со нови идеи и производи, на крајот од денот секогаш клучот е во правилно претставување на производот и секако, бенефитот кој клиентот ќе го добие од производот.

4.Дали размислувате за проширување на производната линија и доколку да, за што поточно?

Мисијата на BIT KRAFT е промена на IT светот на многу подобро. Но, за разлика од повеќето IT компании, ние размислуваме во малку поинаква насока. Нашиот моментален фокус е на „Чаршија 360“, производ кој е на самиот зачеток и воопшто нема да се изненадиме доколку за кратко процениме дека треба да направиме драстични промени во понудата. Најпрво ќе ги адаптираме постоечките пакети според потребите на клиентите, во зависност од фидбекот кој го добиваме и континуирано го следиме. Откако ќе процениме дека постоечките пакети се оптимизирани, ќе правиме дополнителна проценка за тоа дали се потребни дополнителни понуди, колку и какви. Нашата цел не е само да понудиме производи и да се трудиме да го адаптираме пазарот (клиентот) на нив, туку обратано. Да процениме што всушност му е потребно на нашиот клиент, да му понудиме токму она што му треба и крајно, клиентот да има бенефит од нашиот производ и услуга.

5.Каде го гледате BIT KRAFT во следните 5 години?

Тешко прашање, на кое само за едно сум сигурен – во Македонија. Во време кога сите таргетираат клиентела во странство, BIT KRAFT се фокусира на домашниот пазар. Ова функционира од една многу едноставна причина. Домашниот пазар нема доволна понуда, иако има многу IT компании, бидејќи сите целат на пазари во странство.

Секако дека во иднина планираме да таргетираме и странски клиенти, но ако работите останат какви што се, секако дека нема да го заборавиме домашниот пазар. Додека мнозинството цели на пазар во странство, наш примарен таргет ќе биде домашниот пазар. Штом процениме дека домашниот пазар е заситен, ќе ставиме посилен акцент на странските пазари, веројатно со главен таргет на САД и Германија, ценејќи дека тие пазари лично ми се поблиски, т.е. ги познавам многу подобро од останатите пазари во странство.

Поврзете се со BIT KRAFT:

BIT KRAFT (@bitkrafting) • Instagram photos and videos

BIT KRAFT | Facebook

BIT KRAFT – We craft with bits (bit-kraft.com)

Проектот  iCBA е ко-финансиран од Европска Унија и националните фондови на земјите учеснички.

Партнери во проектот: Alexander Innovation Zone S.A., SEERC- истражувачки центар на СИТИ колеџ, Технополис Солун ИКТ бизнис парк, Универзитет за информатички науки и технологија (УИСТ) „Св. Апостол Павле “, Национален центар за развој на иновации и претприемничко учење и Фондација YES.

Програмата за бизнис акцелерација во Македонија е организирана од PrimePoint Partners.

Повеќе информации за проектот има на следната страна: https://icba-project.eu/

Scroll to Top