ДИМО ПОПЧЕВ, УПРАВИТЕЛ НА ПИВОЛАБС, А ВОЕДНО И УЧЕСНИК ВО НАШАТА ПРЕКУ-ГРАНИЧНА АКЦЕЛАТОРСКА ПРОГРАМА iCBA И ЕДЕН ОД ПРЕЗЕНТЕРИТЕ НА ПРЕТСТОЈНИОТ ОХРИД BOOTCAMP РАСКАЖУВА НЕШТО ПОВЕЌЕ ЗА СВОЈАТА КРАФТ ПИВАРА

1. Крафт пивата глобално имаат долга традиција. Кај нас се сеуште новина. Што претставува крафт пивото, наспроти индустриското пиво? Кои се разликите?

Разликата помеѓу крафт пивата и индустриските е во тоа што крафт пивата немаат никакви додатоци, вештачки бои и ароми, туку се оди на квалитет наспроти квантитет. Главните состојки на крафт пивата се вода, јачмен, хмељ и квасец. Крафт пивото ни овозможува да вклучи имагинацијата во креацијата на самото пиво, случај што не е карактеристичен за индустриското пиво. При процесот на ферментација се издвојуваат и секундарни процеси при кои не се додава CO2, туку тој природно се генерира при самата ферментација. Секоја крафт пивара има можност да понуди уникатен вкус и рецепт со кој би се издвоила од останатите и на тој начин да ја привлече одредената популација на пивопијци. За производство се користат суровини кои поминуваат низ строга селекција пред да бидат дел од рецептот.

Во глобала крафт пиварите се со помал капацитет (микро пивари) кои своите издиференцирани производи ги пласираат на селектирани пазари

2.Со оглед на тоа што крафт пивото е доста популарен пијалок, но не секој се нафаќа да го произведува истиот, a воедно и неговата достапност на македонскиот пазар е на многу ниско ниво, од каде идејата и самата пасија да отворите микро пивара? Какви беа почетоците на овој бизнис?

 Следејќи ги брендовите на регионалните пазари, како што се Србија и Бугарија, јасно се утврди потреба за развивање на пивска култура и во Македонија. Разгледувајќи ги можностите и строгите законските регулативи за отварање на микро пивара се создадоа предизвици кои решивме да ги реализираме на долг временски период. Неофицијалните почетоци на Пиволабс датираат од пред 4 години, кога членовите од компанијата активно се занимаваа со занаетчиското пиво во форма на хоби.

Истражувањето на можностите да се создаде домашно пиво, во склад со достапноста на суровини беше причина секој индивидуално и постепено да го осознае процесот на правење на пиво во домашни услови. Свесноста за пивската култура, дефицитот на разновидност на производи, како и големината на пазарот во нашите соседни земји придонесе да се роди идеја за локална микро пивара.

По неколку состаноци на членовите и разгледувајќи ги можностите за финансии, време, достапен простор, заедничка иднина и предизвици, започнавме полека, но сигурно кон практична реализација на идејата за сопствена микро пивара.

Гравитирајќи околу сопствените интереси и желби за експериментирање, особено со нови вкусови дојдовме до една кованица (Пиво и лабс – лабораторија) што воедно и го добивме името Пиволабс. Името сосема одлично се вклопи со идеите за нашата мисија, да создаваме стилови кои не се достапни на нашиот пазар, што ќе бидат интересни за популацијата и да создадеме производи кои се стандардизирани во однос на квалитет.

3.Какви видови на пива нуди Вашата микро пивара и дали размислувате за воведување на нешто ново?

Бидејќи официјално почнавме со продажба во 2021 година, во моментов имаме само едно пиво, а тоа е ФОКС Пале Але. Исто така во моментот се работи на две нови пива за кои планот е да излезат на пазарот кон крајот на 2021 или почетокот на 2022 година.Бевме дел од два повика за гранд од ФИТР за кои аплициравме со два нови уникатни стилови на пиво.

4.На прв поглед може да се каже дека немате голема конкуренција поради фактот што во нашата земја се само 3 микро пивари, вклучувајќи ја и вашата, но сепак тука се увозните пива и индустриското производство. Како се справувате со сето тоа? Кои се вашите предности, наспроти конкуренцијата?Главните конкуренти на нашиот пазар може да ги поделиме во три групи: индустриски пивари кои произведуваат само Lager стил, увозници на крафт пиво и локални крафт пивари.

  • Индустриските пива не се директна конкуренција, бидејќи станува збор за малку поинаков производ чија главна цел е максимално зголемување на квантитетот и продажбите, додека крафт пивата се стремат кон висок квалитет и диверзитет, со што даваат нови неоткриени димензии во пивското кулинарство.
  • Увозното крафт пиво располага со диверзитет, меѓутоа ценовната разлика и непостојаната достапност ни дава предност во однос на истото.
  • Локалните крафт пивари се во мал број и се разликуваат во производот кој го нудат.

5.Каде сѐ може да се најдат вашите крафт пива? Дали размислувате за проширување на продажната мрежа надвор од Македонија и кои се вашите планови за во иднина?

Нашето пиво моментално може да се најде во повеќе барови во Скопје и тоа:Добар Бар, Глуво Куче, Кафе Бар Че, Синдикат, Амок Бар, Ерор Колектив, Порта Паб, како и надвор од Скопје во Ирски Паб 5 во Охрид.Сепак, постојано работиме на тоа да ја прошириме соработката со уште повеќе угостителски објекти. Исто така во Скопје сме присутни во две специјализирани продавници за пиво: Сакам Пиво и Пиводром во Скопје и една во Штип.Секако плановите се да се прошириме во што повеќе градови во Македонија, како и во иднина да почнеме да го извезуваме нашето пиво во соседните држави.

Проектот  iCBA е ко-финансиран од Европска Унија и националните фондови на земјите учеснички.

Партнери во проектот: Alexander Innovation Zone S.A., SEERC- истражувачки центар на СИТИ колеџ, Технополис Солун ИКТ бизнис парк, Универзитет за информатички науки и технологија (УИСТ) „Св. Апостол Павле “, Национален центар за развој на иновации и претприемничко учење и Фондација YES.

Програмата за бизнис акцелерација во Македонија е организирана од PrimePoint Partners.

Повеќе информации за проектот има на следната страна: https://icba-project.eu/

Следете ги Пиволабс на https://www.facebook.com/pivolabsmk/ и https://www.instagram.com/pivolabsmk/?utm_medium=copy_link&fbclid=IwAR0euwlMNRNxysDwPt9tXydEbqObYmaoDrsZOJ1NjFRnjpUIOK1kcuZSty4

Scroll to Top