Запознајте ги BINTERN преку интервјуто со Димитар Митревски, учесник во нашата преку-гранична акцелаторска програма iCBA и еден од презентерите на претстојниот Охрид Bootcamp

 

 

 

 

BINTERN ДВИГАТЕЛ И СИНОНИМ ЗА ГРАДЕЊЕ НА КАРИЕРА

1. Димитар, како млад претприемач и основач на BINTERN која ги поврзува студентите и невработените со над 5000 регистрирани компании кои бараат практиканти и потенцијални вработени, од каде самиот мотив да основате онлајн платформа, а воедно и да влезете во светот на бизнисот?

Мотивот беше едноставен, да се реши проблем, односно да се помогне на сите луѓе кои имаат потешкотии со започнување на кариера, поточно кажано не знаат од каде да започнат. Јас уште во прва година на факултет се соочив со проблемот кога од студентска служба ми дадоа лист за пракса која требаше да ја реализирам во некоја компанија. Така оставен, не знаев што да правам, од каде да започнам, како и многу мои колеги кои се соочија со истото, не знаејќи како да најдат компанија за пракса, како да пристапат до истата и дали таа воопшто има потреба од практиканти. Соочувајќи се со овој проблем решив да одам директно во борба со проблемот односно да најдам решение на истиот. Како и секој претприемач, во проблемите гледам можности за подобрување и креирање на нова вредност. Така што, накратко ова би било приказната за создавањето на Bintern и се надевам дека ќе се прошири на светско ниво, каде што секој студент или работобарател од светот ќе има платфомра односно водич при започнување на своја кариера.

2. Дали може да ни раскажете подетално за тоа како функционира вашата платформа? Дали е едноставен начинот на аплицирање и креирање на профил на BINTERN? 

 

 

 

 

 

 

Да, секако. Платформата функционира на тој начин што сите засегнати страни како компании, студенти и работобаратели, најпрво се регистрираат на платформата која понатаму ги поврзува на повеќе различни критериуми и тоа според нивно образование, нивно знаење  и искуство. Платформата е замислена на принципот на One Stop Shop, што значи сите кои бараат пракса или работа, податоците ги внесуваат само еднаш и понатаму ги користат за да аплицираат на повеќе огласи со само еден клик. Начинот е едноставен, а исто така има и едукативни видеа на платформата кои го објаснуваат целиот процес на креирање на профил, CV и аплцирање на огласи.

3. Кои се придобивките за работодавачите, а кои за работобарателите?

– Работодавачите имаат пристап до студенти и штотуку дипломирани луѓе кои се желни за успех и имаат огромна амбиција, на кои само им треба мала обука, шанса во компанија со цел да се стават во полн погон на компанијата.

– Работобарателите пак добиваат пристап до голем број на компании за пракса и вработување кои имаат огромен број на отворени работни позиции.

 

4. Кои сектори сметате дека се најплатени во нашата држава? За кој сектор најмогу се интересираат работобарателите, а за кој работодавачите?

Дефинитивно најплатен сектор во Македонија е ИТ секторот. Работобарателите се интересираат најмногу за работи поврзани со ИТ односно работни позиции за кои се потребни компјутерски вештини. Работодавачите најмногу доаѓаат од ИТ секторот, после него е и секторот Економија, за жал од останатите сектори интересот е на пониско ниво, се надеваме дека тоа ќе се промени и ќе имаме повеќе компании од другите сектори.

5. Каде ја гледате BINTERN во следните 5 години? 

Во следните 5 години Бинтерн ја гледам како светски позната платформа која ги поврзува студентите, дипломците, и работобарателите со компаниите низ целиот свет. Бинтерн да биде двигател и синоним за градење на кариера и да биде водичот на многу млади луѓе кои се на почетокот на кариерата.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Проектот  iCBA е ко-финансиран од Европска Унија и националните фондови на земјите учеснички.

Партнери во проектот: Alexander Innovation Zone S.A., SEERC- истражувачки центар на СИТИ колеџ, Технополис Солун ИКТ бизнис парк, Универзитет за информатички науки и технологија (УИСТ) „Св. Апостол Павле “, Национален центар за развој на иновации и претприемничко учење и Фондација YES.

Програмата за бизнис акцелерација во Македонија е организирана од PrimePoint Partners.

Повеќе информации за проектот има на следната страна: https://icba-project.eu/

 

Scroll to Top